Почитувани,

По повод прославување на 114 години од Илинденското Востание и 73 години од Првото заседание на АСНОМ што се одржа во манастирот „Прохор Пчински“, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, со писмено обраќање упатува честитка до граѓаните на Република Македонија и до сите Македонци ширум Светот:

Драги браќа и сестри,

Без разлика на сериозните предизвици со кои се соочуваме веќе подолг период, историските дилеми и лажното толкување на фактите кои ни се наметнува со притисоци и закани за нашата иднина, ние како горд и достоинствен Македонски народ никогаш не смееме да заборавиме дека „Илинден“ е еден од нашите најголеми Македонски празник, Денот на Републиката, Светиот датум на Првото заседание на АСНОМ, Денот по кој отсекогаш се одредувала Македонската историја, и тоа, на времето пред двата Илиндена, кога Македонија била под ропство, и на времето после двата Илиндена, кога Македонскиот народ храбро и одважно го дигна својот глас и ја извојува долгоочекуваната слобода.

Затоа, со голема гордост сакам да Ви го честитам 2-ри Август, „Илинден“ и од името на целата Македонска Дијаспора да Ви порачам да продолжиме да бидеме горди на нашето минато и исправено да чекориме по патот кој нашите претци ни го трасираа и се бореа за да живееме достоинствен живот во нашата Татковина како демократска, независна и унитарна Држава.

Знам дека многумина од Вас деновиве чувствуваат горчина и пелин во душите. Многумина ми пишуваа и се јавуваа да побараат од мене помош, некој да стави крај на сите обиди за наше понижување како народ.

Македонија низ историја поминала безброј премрежја, разни окупаторски сили се обидувале да не угнетат, да не присвојат, асимилираат за да исчезне нашиот Македонски идентитет, јазична и културна посебност. Политиката на одредени елити кај соседите никогаш до крај не била искрена кон нас. Сакаат да не месат како тесто и да не моделираат по нивни терк. За жал, не ретко, во овие свои намери, си наоѓаат соработници и меѓу нашите општествено политички фактори.

Но Македонија и Македонскиот народ, никогаш не потклекна. Колку ударите се посилни, ние Македонците уште пожестоко опстојуваме и со го браниме своето. Можат уште 100 патти да не’ ни дозволуваат да одиме во „Прохор Пчински“, но никогаш не можат да ни го одземат АСНОМ. Ниту еден Договор за добрососедство не може да ја смени реалноста. Македонија и Македонскиот народ за време на Втората светска војна беа на вистинската страна, на фронтот за слобода и правда, се бореа против фашизмот, и заради тоа беа жртва на Бугарската окупаторска војска. Тоа е еден од најпрецизните историски факти дека Македонците и Бугарите не се и никогаш не биле ист народ. Бадијала заедничко славење, бадијала тврдење дека имаме заедничка историја, бадијала издавање на Бугарски пасоши во Пустец, Мала Преспа, Голо Брдо, Гора во Албанија, Македонскиот народ никогаш нема да биде жртва на политички одлуки! Кој што сака нека потпишува, Македонија никогаш нема да се откаже од своите браќа и сестри Македонци кои живеат надвор од границите на Републиката. Ниту ние, ниту генерациите кои доаѓаат, не можат да ја избришат историската неправда која ни беше направена со Букурешкиот Договор. Сакаме добрососедски односи, но на принципилена основа, без уцени и барања чие исполнување оди на наша штета. Сите обиди за велепредавство на Македонските национални интереси од актуелните Македонски политички фактори ќе будат пресретнати од Македонскиот народ!

Ние никогаш нема да се согласиме да попуштиме под уцените на официјална Атина и да се откажеме од сопствениот Македонски идентитет и светото вековно име Македонија! Сакаме да станеме полноправен член на ЕУ и НАТО Алијансата но врз основа на принципите на меѓународното право и правда.

Македонски народе,

Ние мора да продолжиме посветено да работиме, секој во рамките на своите можности, во изградбата на една модерна и просперитетна држава која никогаш нема да ги заборави својата култура и традиција.

На оние кои се обидуваат да ни наметнат историја со други корени да им порачаме дека Македонија е вечна и исконска земја, да се биде Македонец е нешто свето и тоа никогаш нема да можете да ни го земете.

Наша заедничка патриотска должност е да се избориме за силна, стабилна, просперитетна и обединета Македонија! Тоа е наследството од нашите претци и нашиот влог за генерациите Македонци кои доаѓаат.

Како што Македонците беа обединети за време на Илинденското востание, денес нашата патриотска должност повторно не повикува да бидеме сложни и решителни за одбрана на нашата Македонска историја и нашата сигурна иднина во која нема да влеземе обезличени, откажани од нашиот Македонски идентитет и променето свето име Македонија!
Нека ни е честит 2-ри Август! Нека ни е вечна Татковината!
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски