Собранието на Република Македонија во рамки на 7. седница денеска со 94 гласа „за“ го продолжи рокот на постоење на кризна состојба на јужната и на северната граница заради зголемен обем на мигранти до 31 декември оваа година.

Пратениците изгласаа измена на Одлука за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба заради зголемен обем на влез и транзитирање на мигранти низ територијата на Република Македонија до 31 декември 2017 година. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски образложи дека оваа одлука е многу значајна заради околностите околу глобалниот проблем со мигрантската криза. Рокот се продолжува врз основа на проценките на надлежните служби и со предлог-одлуката на Владата која беше доставено до Собранието.

– Ќе им се овозможи на АРМ заедно со МВР учество во обезбедувањето на државната граница на Република Македонија со Република Грција каде имавме сериозен прилив на мигранти, рече Спасовски кој исто така посочи дека и припадници на полициски сили од други држави учествуваа во обезбедување на границата. Целта е, рече министерот, да се продолжи овој континуитет бидејќи многу процеси се отворени. – Мигрантската криза во секој момент може да ескалира, вели Спасовски.

Во однос на оградата на јужната граница, кажа дека таа постојано е под надзор од страна на полицијата и војниците .

– Соработка има со сите соседни земји во однос на мигрантската криза и регионално. Комуникации со грчкото Министерство за внатрешни работи се воспоставени и има редовни комуникации со полициското аташе на Грција во Македонија, рече Спасовски. Во моментов на границата со Грција, информира тој, има околу 100 припадници од други полициски служби од Словенија, Србија, Чешка, Унгарија, Словачка, Полска и Хрватска и тоа ќе продолжи до крајот на окотмври.