Почитувани,

 

По повод изборот на нова Влада на Република Македонија, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

 

Македонската Алијанса смета дека изборот на нова Влада конечно треба да го означи првиот чекор за излез од долготрајната внатрешна политичка криза. На ново избраните функционери им го честитаме изборот и им пожелуваме да ги обавуваат своите должности исклучиво во интерес на Татковината. Македонската Дијаспора будно ќе ги следи процесите, добрите одлуки ќе ги подржува, на сите евентуално погрешни чекори ќе се спротиставува и остро ќе ги критикува.  Впрочем, тоа е наша демократска должност во интерес на Македонските генерации кои доаѓаат, и која гордо и достоинствено ја обавуваме повеќе од 26 години.

 

Земајќи предвид дека во пресрет на изборот на нова Влада оркестрирано се зголемуваа очекувањата дека доаѓа времето за решение на повеќе деценискиот наметнат спор за името од нашиот јужен сосед, а од вчера се огласи и Коsиас кој најавува средба со Димитров, сметаме дека е неопходно веднаш да предупредиме на неколку работи.

 

Новото парламентарно мнозинство има поддршка и доверба од 62 пратеници за да избере нова Влада на Република Македонија, кадровскиот избор да го изврши врз сопствени проценки за најефикасно спроведување на нивните ветувања и политики, но како и никоја друга Влада претходно, нема ниту право ниту легитимитет да ветува или да влегува во некакви аранжмани за промена на Уставното име. Македонија и Македонскиот национален идентитет му припаѓа на Македонскиот народ кој дава или зема мандат на политичарите во зависност од тоа дали тие работат во нивен интерес или не!

 

Ние силно веруваме дека стратешки колосек за нашата заедничка Татковина е членството во ЕУ и НАТО Алијансата, но не по секоја цена. Очекувањата за експресно обезбедување на полноправно членство во НАТО може да биде втемелено само врз основа на гаранции од нашите меѓународни сојузници дека ќе обезбедат спроведување на пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг со која официјална Атина е осудена за бесправна блокада на Македонија. Сите други очекувања за некакво брзо решение кое ќе значи промена на Уставното име и откажување од Македонскиот национален идентитет, е туѓ есап без крчма!

 

Ниту оваа, ниту било која идна Влада не може и не смее да се согласи да направи велепредавство на сопствениот народ! Преговори за името не може и нема да има!

 

Македонската Алијанса останува посветена на Татковината и интересите за обезбедување на сигурна иднина за народот и врз тие принципи доследно, чесно и бескомпромисно ќе продолжи да се бори за зачувување на Македонски национален идентитет и Уставното име.

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

                                                                                 Ѓорѓија Џорџ Атанасоски