Почитувани,

 

Во врска со интервјуто на медијаторот Метју Нимиц, кој за Грчкиот неделник „Ријал Њуз“ изјавил дека очекува после изборот на новата Влада во Македонија да започнат сериозни разговори за решавање на спорот за името, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

 

Македонската Алијанса веќе долг период јавно предупредува дека постои сериозна опасност долготрајната политичка криза да биде злоупотребена за задавање на последниот удар кон обезличување на нашата Татковина. Сметаме дека таканаречената „Тиранска платформа“ е многу опасен проект кој треба од внатре да го нападне и оспори нашиот Македонски национален идентитет како вовед во евентуалното решавање на спорот за името по Грчки терк.

 

Последното интервју на Метју Нимиц упатува на заклучокот дека Македонија е во крајно чувствителна фаза за својата иднина. Воопшто не е случајно што смислено се зголемуваат очекувањата а со тоа и притисокот на новата Влада во најава дека е потребно брзо решение за името за да се остварат нашите Евроатлански аспирации.

 

За жал, и покрај нашите добронамерни апели, најодговорните Македонски политички партии, заради теснопартиските интереси да се задржи или освои власта, не успеаа да изградат консензус за стратешките национални прашања, заради што Татковината може да влезе во уште подлабока криза.

 

Македонската Алијанса смета дека во изминативе 26 години од независноста, Македонија покажа огромна конструктивност и сериозност во напорите да изнајде разумен пристап во билатералните односи со официјална Атина. Направивме огромни отстапки, а Грчките политички елити во ниту еден момент не пропуштаат да соопштат дека никакви меѓународни притисоци нема да ги сменат Грчките црвени позиции во спорот за името упорно спроведувајќи ја својата стратегија со уцени и притисок да го бараат од нас невозможното.

 

Македонија и Македонскиот народ не бараат подароци, туку остварување на универзалното демократско право на самоопределување кое и припаѓа на секоја земја членка на ООН.

 

Македонија и Македонскиот народ бараат нашите меѓународни пријатели и сојузници да го обезбедат спроведувањето на пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг со што нашата Татковина ќе стане полноправен член на НАТО Алијансата и со тоа во прва фаза ќе се обезбеди стабилност во регионот. Особено што најдобра гаранција за унитарноста на Македонија и нејзината долгорочна стабилност е членството во НАТО.

 

Нова Влада која во овој период презема огромен дел од одговорноста за иднината на нашата заедничка Татковина мора уште од сега да знае дека огромното мнозинство на Македонскиот народ во Републиката и надвор од границите има цврсто и непоколебливо изграден став дека разговори и преговори за прифаќање на предлози на промена на Уставното име нема и не може да има, бидејќи секој кој евентуално би се нафатил на такво велепредавство ќе мора да си ја прифати и казната од народот.

 

Новата Влада треба да бидат целосно свесна за предизвиците со кои се соочува Татковината, и добро да размислат за секој нивен потег во периодот што следува. Македонскиот народ нема намера да прифаќа нови понижувања кои ќе го загрозат вековното име Македонија и Македонскиот национален идентитет.

 

 

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА

Претседател,

                                                                                 Ѓорѓија Џорџ Атанасоски