Во врска со последното интервју на Грчкиот Министер за надворешни работи, Никос Коsиас, кој за Грчкиот неделник „Ријал Њуз“ изјавил дека Грција нема да потклекне на притисоци за прифаќање на решение на спорот за името кое нема да биде во согласност со нивните црвени линии, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната писмена реакција:

Македонската Алијанса со особено внимание ги следи сите изјави на официјална Атина кои се однесуваат на Македонија. Нашиот заклучок е дека Грчкиот шеф на дипломатијата ја продолжува „топло – ладно“ тактиката во билатералниот и од нивна страна наметнат спор за името. Еднаш во своите изјави наводно го поддржува унитарниот карактер на Македонија а истовремено ја нарекува Македонија – Држава дар од боговите во која според него кумот и го згрешил името. Друг пат, како ова свое последно интервју, Коsиас ќе потенцира дека Грција не се меша во внатрешните прашања, но нема да пропушти да повтори дека никакви меѓународни притисоци нема да ги сменат Грчките црвени позиции во спорот за името. Ваквиот пристап на Грчките власти е нивен обид да си изградат алиби пред очекуваниот притисок од нашите меѓународни пријатели за нивната неправедна политика кон Македонија која е  несвојствена за една земја членка на ЕУ и НАТО.

Ние не бараме лажна конструктивност од официјална Атина, ниту ги прифаќаме „данајските дарови“ на Никос Коsиас. Нам не ни требаат преговори и усвојување на мерки за градење доверба кога Грчката Влада упорно ја спроведува својата стратегија со уцени и притисок да го бараат од Македонија невозможното.

Македонија и Македонскиот народ бараат да им се допушти остварувањето на универзалното демократско право на самоопределување кое и следува на секоја земја членка на ООН. Македонија и Македонскиот народ бараат нашите меѓународни пријатели и сојузници да го обезбедат спроведувањето на пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг со што нашата Татковина ќе стане полноправен член на НАТО Алијансата.

Македонската Алијанса смета дека во овој чувствителен период за нашата заедничка Татковина, најодговорните политички партии мора да се обврзат дека во своето понатамошно делување заеднички ќе работат на остварување на принципи кои ќе обезбедат сигурна иднина за нашата земја.

Разговори и преговори за прифаќање на предлози на промена на Уставното име нема и не може да има, бидејќи секој кој евентуално би се нафатил на такво велепредавство ќе мора да си ја прифати и казната од народот.

Разговорите за таканаречените мерки за градење доверба Македонија треба да ги замрзне, се додека официјална Атина не прифати дека постои Македонски народ кој меѓу другото живее и во Егејскиот дел. Не може Коsиас да се жали за правата на Грците во Албанија, а во исто време да се прави и слеп и глув за постоењето на Македонското малцинство во Грција. Никој нема право да го оспорува Македонскиот национален идентитет.

Најодговорните Македонски политички лидери треба да бидат целосно свесни за предизвиците со кои се соочува Татковината, и добро да размислат за секој нивен потег во периодот што следува. Секоја нивна евентуална одлука која ќе биде мотивирана од личен и тесно партиски интерес, а која ќе го загрози вековното име Македонија и Македонскиот национален идентитет, ќе предизвика жестока реакција од Македонскиот народ.