Македонската Алијанса смета дека од посетата на Брајан Хојт Ји може да се извлечат најмалку три суштински пораки, соопштува Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, во врска со дводневната посета на Македонија од страна на Заменик помошникот на Државниот Секретар на САД за Европа и Евроазија, Брајан Хојт Ји.

 

Прво, Република Македонија останува на радарот на нашиот најголем стратешки сојузник САД, кој нема никаква намера да го смени досегашниот генерален курс на политики и мерки кои се во согласност со Специјалниот стратешко безбедносен билатерален договор од 2008 година, кој меѓу другото ја гарантира и нашата внатрешна стабилност.

Второ, нема никаква дилема дека САД очекува брза разрешница на маратонската политичка криза, која неминовно мора да биде во духот на нашата стратешка определба да станеме членка на НАТО и ЕУ.

Трето, одговорноста за  причините, но во исто време и за излезот од политичката криза која трае веќе 3-та година лежи кај најодговорните политички партии, кои во 26-та година од нашата независност мора конечно да покажат капацитет за самостојно надминување на сопствените слабости во функција на обезбедување на стабилна иднина за нашата заедничка Татковина.

Ние остануваме на нашиот став дека решението на кризата е во напуштањето на тврдите позиции на најодговорните политички партии кои имаат обврска да се вратат чекор назад како потврда дека не се заслепени од личните и тесно партиските интереси за освојување на власта по секоја цена.

Почитувањето на Уставот на Република Македонија е услов без кој не може да се изнајде излез од кризата, конституирањето на законодавната власт мора да биде спроведена во легална постапка која никој нема да ја доведува во прашање.

 

 

 

 

 

 

 

Силно веруваме дека во овие чувствителни моменти Македонскиот народ знае да препознае кога некој се бори за принципи, чие прифаќање од најодговорните политички фактори и нивно доследно исполнување, ќе значи враќање на стабилноста и нормализирање на состојбите.

Во таа насока, Албанските политички партии треба веднаш да се повлечат од Тиранската платформа и да покажат дека имаат разбирање за негативните последици од провокативните и радикални барања кои шират иредентизам и непотребно ги разгоруваат меѓуетничките односи.

Наместо безумно да се обвинуваат меѓу себе за криминал, национални предавства и да продолжуваат да го делат народот, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ да покажат дека услов за излез од кризата не е обезбедувањето на

механизми кои ќе го оневозможат Судот во чесна, транспарентна и праведна постапка да ги расчисти сите обвинувања за наводен криминал на функционери во извршната и локалната власт, без разлика на

партиската или етничка припадност, вклучително и амнестија за инволвираните во инцидентите во Собранието.

Парламентарни партии да утврдат временски рок за спроведување на суштинските реформи, вклучително и реализирање на попис, како директна потврда дека Македонија останува на стратешкиот колосек за

Евроатлански интеграции.

Сите политички партии да гарантираат дека нема да исполнуваат вештачки креирани политички проекти, кои се смислени со намера од внатре да го оспорат Македонски национален идентитет по Грчки терк.

Заедно да се обврземе дека без разлика на политичка, верска или етничка припадност, доследно ќе го браниме најсветото, Македонскиот национален идентитет и Уставно име, како наше универзално демократско право на самоопределување.

Прифаќањето на овие принципи ќе ги намали поделбите бидејќи воопшто нема да биде важно кој ќе биде власт или опозиција или кој каква функција ќе извршува. Конечно, политичките партии навистина ќе

работат за Македонија и сопствените граѓани без разлика на нивната етничка припадност!