Почитувани,

После вчерашните инциденти и насилство во Собранието на Република Македонија, каде беа повредени и пратеници, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

Македонската Алијанса со длабоко жалење констатира дека се случи она на што со месеци предупредувавме а никој одговорен и разумен политичар не го посакуваше. Со вчерашните многу сериозни инциденти
политичката криза ескалираше во тотален хаос и целосно неприфатливо насилство, што уште повеќе ја загрозува иднината на нашата Татковина.

Нашиот став е многу јасен и прецизен. Одговорноста за овој немил развој на настаните е непопустливоста, тврдите и максималистичките барања на најодговорните политички фактори. Потписниците на
политичкиот договор од „Пржино“ заедно со останатите парламентарни партии останаа глуви на нашите апели да прифатат и разберат дека  ја имаат најголемата одговорност за причините, но во исто време и за
излезот од маратонската политичка криза. Нивното инаетење и водење на дневна политика мотивирана од лични и теснопартиски интереси за освојување на власта ја внесе Македонија во уште подлабока и
подраматична криза.

Албанските политички фактори во Македонија го јавнаа бранот на иредентизам кој ги разбуди старите духови и големо национални идеи кои повторно го зовриваат Балканот. Уцените и радикалните барања
содржани во Тиранската платформа поставени како услов без кој нема Влада се доживува од мнозинството Македонци како обид од внатре да се оспори и загрози Македонскиот национален идентитет по Грчки
терк, што е вовед во загрозување на унитарниот карактер на нашата заедничка Татковина.

Најодговорните Македонски политички партии заслепени од меѓусебната омраза, заглавени во своите дневни безумни обвинувања за криминал и национални предавства, без чувство од неопходноста да изгради
консензус за најважните национални прашања, внесоаа зла крв и го поделија народот.

Нашите меѓународните пријатели го изгубија трпението бидејќи и во 26-тата година од независноста се уште не покажуваме капацитет самите да ги надминеме сопствените слабости и да обезбедиме стабилна
иднина за нашата земја.

Ако навистина сакаме да станеме полноправна членка на ЕУ и НАТО, во пресрет на посетата на Брајан Хојт Ји, треба да покажеме дека знаеме да препознаеме што се очекува од нас и да докажеме дека
заслужено сме признаени од САД под Уставното име и дека има доволно оправдани причини зошто сме потпишале специјален стратешко безбедносен билатерален договор со најмоќната Држава во светот.

Во овие многу тешки моменти за Македонија народот целосно ќе застане зад принципи кои ќе значат излез од кризата, враќање на стратешкиот колосек и обезбедување сигурна иднина, а ќе бидат прифатени од
сите политички фактори.  Така ќе се намали негативната енергија бидејќи воопшто нема да биде важно кој ќе биде власт или опозиција или кој каква функција ќе извршува. Конечно, само така сите ќе работат
за Македонија и сопствените граѓани без разлика на нивната етничка припадност!

После вчерашните инциденти во кои за влакно беа избегнати и човечки жртви, каде се потврди целосна криза и немоќ на Државните институции, Македонската Алијанса повикува на разум и мирен излез од
кризата во следните чекори:

Прво, Албанските политички партии да се повлечат од Тиранската платформа и да покажат дека имаат разбирање за негативните последици од провокативните и радикални барања кои непотребно ги разгоруваат
меѓуетничките односи.

Второ, ВМРО ДПМНЕ и СДСМ со писмени гаранции да докажат дека услов за излез од кризата не е обезбедувањето на механизми кои ќе го оневозможат Судот во чесна, транспарентна и праведна постапка да ги
расчисти сите обвинувања за наводен криминал на функционери во извршната и локалната власт, без разлика на партиската или етничка припадност.

Трето, сите парламентарни партии да утврдат временски рок за спроведување на суштинските реформи, вклучително и реализирање на попис, како директна потврда дека Македонија останува на стратешкиот
колосек за Евроатлански интеграции.

Конечно, на Македонија како никогаш претходно и е потребен сеопфатен општествен консензус дека сите заедно, без разлика на политичка, верска или етничка припадност, доследно ќе го браниме најсветото,
Македонскиот национален идентитет и Уставно име, како наше универзално демократско право на самоопределување.

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски