Почитувани,

Во врска со разгорувањето на состојбите на Балканот како резултат на националистичките изјави на Албанскиот Премиер Еди Рама, кој беше подржан и од Косовскиот Премиер Хашим Тачи, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го соопштува следното:

Македонската Алијанса ги поздравува официјалните ставови на САД и ЕУ кои го осудија иредентизмот на Премиерите на Албанија и Косово, Еди Рама и Хашим Тачи, оценувајќи ги како целосно неприфатливи и крајно опасни за стабилноста и иднината на регионот.

Сметаме дека е добро што идниот Претседател на Србија, Александар Вучиќ, и покрај провокациите за некакво обединување на Албанија и Косово, на кои им се приклучи и Градоначалникот на Српската Општина Бујановац, Јонуз Муслиу, реагираше одговорно и со ладна глава ја префрли топката кај меѓународната заедница, јавно предупредувајќи дека ваквите провокации ги смета за повик за војна.

Актуелното свесно разгорување на состојбите на Балканот е уште една потврда дека Тиранската платформа не е ни малку наивна и претставува кукавичко јајце кое треба од внатре да го загрози Македонскиот национален идентитет и да овозможи да се зададе последниот удар за промена на името на Македонија по Грчки терк. Тиранската платформа беше промовирана на Божиќ под покровителство на Еди Рама за да овие радикални и неразумни барања на подолг рок ја дестабилизираат Македонија како вовед во разгорување на страстите на целиот Балкан, преку повторно заживување на старите духови за „Илирида“.

Албанските политички фактори во Македонија ќе може да бараат да бидат конститутивен народ тогаш кога Еди Рама на 400 илјади Македонци по потекло во Албанија ќе им овозможи да ги уживаат истите права.

Албанските политички фактори во Македонија наместо да не држат во заложништво со испорачување на уцени за формирање на Влада, треба да се заложат Владата на Еди Рама да ја признае Македонија под Уставно име.

Албанските политички фактори во Македонија не може да создаваат лажна историја со иницијатива Македонија и Србија неосновано да признаат не постоечки геноцид врз Албанскиот народ.

Македонската Алијанса уште еднаш оценува дека Тиранската платформата брутално го гази Охридскиот Рамковен договор и ги потценува сите досегашни придобивки од него. Сметаме дека најефикасен демант за радикалните барања на Албанските фактори е неодложно спроведување на попис кој некој упорно го избегнува плашејќи се од резултатот и вистината.

Во името на Македонската Дијаспора ги повикуваме Албанските политички фактори во Македонија да се повлечат од сите радикални барања и уцени содржани во Тиранската Платформа и да престанат заради тесно партиски и лични цели да манипулираат со чувствата на нашите сограѓани Албанци. Ние искрено остануваме на нашите заложби за соживот и сакаме заеднички да ја градиме иднината на Македонија, на принципиелни основи, со меѓусебна искрена почит и разбирање.
МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски