Денот на свети Валентин, попознат како Валентиново или Ден на вљубените, во светот се одбележува на 14 февруари, кога се слават и величаат љубовта и приврзаноста. Како заштитник на младите и вљубените, тој ги навестува пролетта и новиот живот. Истиот ден, според православните обичаи, Македонците го слават празникот на свети Трифун, заштитникот на виното и виновата лоза. Свети Трифун живеел во 3. век во Мала Азија. Легендата вели дека имал чудесен дар да лекува и дека успеал од лошиот дух да ја излекува ќерката на римскиот цар Гордијан. Во времето на големиот прогон одбил да се откаже од Христа, поради што бил убиен на 14 февруари 250 година. По тој повод, оваа година на 14 февруари, Македонското културно друштво „Охридски бисер“ од Загреб во рамките на културната манифестација „Денови на македонската култура“, а под покровителство на Советот за национални малцинства на Република Хрватска, организираше дружење во просториите на Заедницата на Македонците во Република Хрватска. Претседателот Благој Штерјов ги поздрави гостите и им посака добредојде. За животот на свети Трифун и прославата на празникот зборуваше Горан Коров, а со обичаите што се одржуваат на тој ден присутните ги запознаа членовите на работилницата по македонски јазик и култура за возрасни и литературно-драмската секција „Ленка“. Наедно на прославата беше претставена и изложба на трудовите на етноработилницата „Разбој“ при Друштвото. Обичајот на овој ден да се зареже барем една гранка од винова лоза и да се залее со вино за да биде плодна годината, а виното слатко, симболично го претстави претседателот на Советот на македонското национално малцинство на Градот Загреб, Томе Апостолоски. Прославата посебно ја разубавија пејачката група „Моми бисерни“ и инструменталната група „Охридски бисер“, со песна и музика под водство на Сафиудин Алимоски. Се заигра и македонско оро, а гостите можеа да уживаат во многубројните домашни специјалитети подготвени од членките на кулинарската секција по традиционални македонски рецепти и, се разбира, со капка од извонредното македонско вино.

Елизабета Петровска