Министерот за надворешни работи Никола Попоски, кој учествува на безбедносната конференција во Минхен, смета дека централно прашање на собирот на луѓето коишто ги креирааат и спроведуваат дипломатските и безбедносните глобални агенди, е дали Европа може да се прилагоди на промените што се случија по „Брегзит“, изборот на Доналд Трамп за претседател на САД, кризата во Украина и руското инволвирање во војната во Сирија.

Република Македонија и балканските земји каде што според Попоски најмногу би се почувствувале последиците од неуспехот европскиот континент да се справи ефикасно со новонастанатата ситуација својот успех го должат на сопствениот капацитет сами да ги решаваат своите проблеми и да ја намалат зависноста од Брисел во чекорењето напред.

– Неподготвеноста на Европа да се соочува со новите предизвици веројатно најмногу би се прекршувала во нашиот регион, на Балканот, каде што тие преддизвици се највидливи а веројатно и потребата од поддршка за европската и евроатлантската интеграција е најсилна. Две работи се клучни за нашиот успех, број еден, во Европската Унија да се сфати дека Македонија и балканските земји се фактор на стабилност и предвидливост на Европа. И број два, ние во регионот да покажеме поголемм капацитет сами да решаваме проблеми, да имаме многу помала зависност некој да треба наместо нас да дејствува да ни помага и да не движи напред. Конечно тоа ќе биде најсилен аргумент за час поскоро да се актуелизира прашањето за задоцнето членство во НАТО и уште повеќе за неопходен почеток на преговорите со Македонија за членство во Европската Унија, вели Попоски, јавува дописникот на МИА од Берлин.

Попоски, кој на Минхенската безбедносна конференција учествува на покана на организаторот, германскиот амбасадор Волфганг Ишингер, на маргините на настанот имал средби со повеќе министри за надворешни работи на земји членки на ЕУ и НАТО.