Во врска со Резолуцијата на Европскиот Парламент со која се бара од Албанија да ги заштити правата на своето Бугарско малцинство, директно посочувајќи региони во кои живеат Македонци, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

Македонската Алијанса е разочарана што Европскиот Парламент ја прифати иницијативата на Бугарските Европратеници, Андреј Ковачев и Ангел Џамбаски, кои се познати по својот негаторски однос кон Македонија и со своите залагања свесно се обидуваат да ги влошат билатералните односи.

Да се тврди и да се прифати дека во регионите на Преспа, Голо Брдо и Гора живеат Бугари е исто како Европскиот Парламент да увидел дека на планетата Марс има Бугарска колонија!

За жал, Европскиот Парламент донесе срамна и неправедна Резолуција која го легализира и оправдува двојниот морал. Каде видоа Бугарско малцинство во Албанија, а во исто време се слепи и глуви за постоењето на Македонци во Бугарија? Зошто во Бугарија во 21 век, ОМО Илинден – Пирин не смее да се регистрира како политичка партија? Негаторската и асимилаторската политика на Бугарија со која не го признава постоењето на Македонци не е, и не може да биде Европска вредност.

Затоа, не треба воопшто да зачудува фактот што веќе во континуитет опаѓа интересот и поддршката кај Македонците за членство во Европската Унија. Од една страна не тапкаат по рамо, а од друга страна прогледуваат низ прсти за сите неправди кои ни ги прават соседите, особено Грција која со децении дрско и безобразно бара промена на името Македонија и откажување од Македонскиот национален идентитет.

Конкретната Резолуција е уште еден дипломатски пораз како резултат на долготрајната наша внатрешна политичка криза која некој перфидно ја користи да ни задава удари кои треба дополнително да не ослабнат. Сепак, без разлика на срамот на Европскиот Парламент, нашите браќа и сестри од Преспа, Голо Брдо, Гора, како и во цела Албанија никогаш нема да станат Бугари.

Навистина не знаеме што уште треба да се случи за да најодговорните политички лидери на Македонскиот народ се свестат и разберат дека не се поголеми од Македонија!

Колку и да е голем нивниот антагонизам, за стратешките национални интереси на Македонија и Македонскиот народ мораат да најдат сила да изградат консензус, кој во овие чувствителни моменти за Татковината е повеќе од неопходен!

Македонската Алијанса ги повикува Македонските политички партии заеднички и неодложно да изградиме заеднички национален став кој недвосмислено ќе покаже дека, ниту една политичка партија нема да дозволи соседите да се мешаат во внатрешните прашања на Македонија свесно инвестирајќи во нарушувањето на добрососедските односи, да си поигруваат со чувствата на Македонскиот народ и со тоа да покажуваат целосно непочитување на суверенитетот на Република Македонија.

На Европските институции, но најмногу на соседите да им потенцираме дека Македонија нема да се откаже од своите браќа и сестри Македонци кои живеат надвор од Републиката. Ние секогаш ќе ја поддржуваме и заеднички ќе ја водиме демократската битка за остварување на нивните права и зачувување на Македонскиот национален идентитет како фундаментален предуслов за силна и обединета Македонија.

На домашната, но и на целата меѓународна јавност, да и покажеме дека без разлика на сложените внатрешни политички односи, ниту една политичка партија, ниту еден лидер или политичар во Татковината никогаш нема да се согласи да преговара или разговара за промена или откажување од најсветото Македонско име и идентитет.


M1 – ALIJANSA REAKCIJA by tv-sonce

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА Претседател
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски