Вкупно 318 амандмани се поднесени на предлог-резолуцијата за Република Македонија во Европскиот парламент, која минатиот месец ја подготви и претстави пред Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) известувачот Иво Вајгл, јави дописникот на МИА од Брисел.

Како што е веќе редовна пракса изминатите години, грчко-бугарските европратеници се предводници на амандманската канонада врз македонската резолуција и тие имаат поднесено речиси две третини од забелешките на првиот текст подготвен од Вајгл.

Од барање за целосно бришење на термините “Република Македонија“, „Македонија“, придавката „македонски“, што во предлог-резолуција се многупати застапени, па преку осуда за политичката криза и одземање на препораката за почеток на преговори за членство во Европската унија, признавање на 100.000 Бугари во Македонија, заедничка прослава на историски настани со Бугарија итн.