Американскиот претседател Доналд Трамп вчера објави дека потпишал указ за „Заштита на нацијата од влегување на странски терористи во САД“.

Тој предвидува времено стопирање на политиката на давање азил и забрана за граѓаните на неколку муслимански земји да влезат на територијата на САД.

– Воведувам нови мерки за контрола, кои ќе ги држат радикалните исламистички терористи надвор од САД, рече Трамп во Пентагон по церемонијата на стапување на должност на новиот министер за одбрана Џејмс Матис.

Трамп нагласи дека САД сакаат да ги примат само „оние луѓе, кои ја поддржуваат нашата земја и кои длабоко го почитуваат нашиот народ“.

Претседателот на САД ги спомена загинатите во терористичките напади на 11 септември 2001 година и рече дека САД никогаш нема да ги заборават лекциите, научени тој ден. Тој потсети дека повеќето напаѓачи биле Саудијци, кои добиле визи од САД.

Согласно указот и неговите анекси, кои беа објавени од Белата куќа, американските власти ќе забранат во рок од три месеци влез на државјани од седум муслимански земји: Ирак, Иран, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и Јемен. Исклучок ќе биде направен за оние граѓани, кои поседуваат дипломатски визи, за официјалите претставници на тие земји и за вработени во меѓународни организации.