Во врска со соопштението на Македонското Друштво „Илинден“ од Тирана, кое преку својот Претседател Никола Ѓурѓај ја информира Македонската јавност за незавидната положба во која се наоѓаат Македонците од Голо Брдо и Гора кои се завеани од снежното невреме и целосно заборавени од локалната и централна власт на Албанија, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, го упатува следниот повик:

Македонската Алијанса ги повикува сите општествено – политички чинители во Татковината да го дигнат својот глас и да побараат од Албанската Влада на Еди Рама, веднаш и без одлагање да преземе се што е во нејзина надлежност да им помогне на нашите браќа и сестри кои живеат во Голо Брдо и Гора.

Во овие целосно запоставени региони во Албанија, живеат околу 30 илјади Македонци кои во овие поларни студови се соочуваат со недостаток на електрична енергија, непроодност на патиштата и намалени резерви на лекови во амбулантите. Страшно е сознанието е што локалните власти на Либражд, Булќиза и Кукус каде после неправедната територијална организација од 2015, припаднаа Голо Брдо и Гора, и во вакво снежно невреме не покажуваат агилност да им помогнат на нашите браќа и сестри Македонци.

Кога може Еди Рама да се меша во нашите внатрешни прашања со образложение дека се грижи за Албанците кои живееле во Македонија, тогаш можеме и ние да покажеме грижа за Македонците кои живеат во Албанија. Сметаме дека незаинтересираноста на централната и локалната власт на Албанија да им помогне на завеаните Голо Брдо и Гора е многу повеќе политички проблем отколку неспособност на нивните институции.

Македонските политички партии во Татковината освен што треба заеднички веднаш да побараат од Албанската Влада да интервенира и да ја санира конкретната состојба со снежното невреме во Голо Брдо и Гора, истовремено мора час поскоро да се обединат за конкретни барања за положбата на Македонците во Албанија.

До Владата на Еди Рама да се достават барања за ратификација на повелбата за регионални и малцински јазици на Совет на Европа, за признавање на Македонското малцинство, за еднаков третман на Македонците од Голо Брдо и Гора со оние од Мала Преспа, изучување на Македонски јазик, како и преиспитување на административната поделба од 2015 и признавање на Уставното има на Република Македонија.

Македонските политички партии мора да подигнат нивото на демократска и политичка битка и преку заедничка активност, со конкретни постапки да ја унапредиме поддршката за нашите браќа и сестри Македонци кои живеат во Албанија и кои со децении водат битка за основањето на Македонски културни центри, фолклорни групи,  обезбедување на програма на Македонски јазик на Државната Албанска телевизија, правична и пропорционална застапеност во Државните институции, стипендии за Македонските студенти, достапност на образовниот процес и изучување на Македонскиот јазик.

Остварувањето на овие права е предуслов за силна и економски просперитетна Татковина!