Претседателот на Македонска Алијанса, Ѓорѓшија Џорџ Атанасоски, упати писмена реакција до грчкиот министер за надворешни работи Никос Коѕијас, кој за Атинската новинска агенција изјави дека Грчката Влада имала неколку предлози за името за кои наводно чекала одговор од другата страна.

Во реракцијата на Атанасоски, се вели: Македонската Алијанса во континуитет ги повикува лидерите на најодговорните политички партии во Македонија да преземат конкретни, јасни и директни чекори со кои ќе се стават во одбрана на суверенитетот и националниот идентитет на Татковината и Македонскиот народ.

Не смееме повеќе да дозволуваме нашите соседи, а особено Грција, да продолжуваат да снесуваат „кукавички јајца“, и со тоа дополнително да инвестираат во продлабочување на нашата внатрешна политичка криза.

Официјална Атина продолжува да промовира двојни аршини. Од една страна Коsиас се обидува да покаже лажна конструктивност со таканаречените мерки за доверба, а од друга страна Грција продолжува со својата стратегија со уцени и притисок да го бараат од Македонија невозможното. Невидена срамота е Коsиас во интервјуто да оценува дека Времената спогодба според него имала за цел да обезбеди време за предлози за спорот за името, а никогаш не одговори зошто не ја почитуваат пресудата со која  Меѓународниот Суд во Хаг уште во 2011 потврди дека токму официјална Атина со ветото во Букурешт во 2008 ја прекрши Времената спогодба.

Без да навлегуваме во вистинитоста на тврдењата на Никос Коsиас дека од Грчка страна до Македонија се доставени некакви предлози за името за кои наводно се чека одговор, Македонската Алијанса смета дека во овој чувствителен период во кој се преговара за составување на Влада, најодговорните политички партии уште сега мора да се обврзат на следните принципи во идното дејствување:

Прво, било какви предлози од Грчка страна, а кој нема да бидат во насока на прифаќање на нашето Уставното име, официјална Атина може да ги чува во фиока. Разговори и преговори за прифаќање на предлози на промена на Уставното име нема и не може да има, бидејќи секој кој евентуално би се нафатил на такво велепредавство ќе мора да си ја прифати и казната од народот.

Второ, сите разговори во врска со таканаречените мерки за градење доверба ги замрзнуваме, се додека официјална Атина не прифати дека постои Македонски народ кој меѓу другото живее и во Егејскиот дел. Не може Коsиас да се жали за правата на Грците во Албанија, а во исто време да се прави и слеп и глув за постоењето на Македонското малцинство во Грција. Никој нема право да го оспорува Македонскиот национален идентитет.

Трето, сите политички партии кои влегоа во Македонското Собрание, уште пред да гласаат за избор на Влада, со Декларација да ги осудат сите обиди на соседите за продолжување на нашата политичка криза и мешање во внатрешните прашања. Не може Албанските политички лидери да градат платформа за своите барања во присуство на Еди Рама во Тирана, а никој од нив да не се обврзува да издејствува Албанија конечно да го признае Уставното име на Македонија. Македонија мора да има идентичен и унифициран пристап и кон сите други провокации кои доаѓаат и од останатите наши соседи со кои имаме отворени прашања, како Бугарија и Србија.

Конечно, најодговорните Македонски политички лидери треба да бидат целосно свесни за предизвиците со кои се соочува Татковината, и добро да размислат за секој нивен потег во периодот што следува.

Секоја нивна евентуална одлука која ќе биде мотивирана од личен и тесно партиски интерес, а која ќе го загрози вековното име Македонија и Македонскиот национален идентитет, ќе предизвика жестока реакција од Македонскиот народ.