Во Собранието на Република Македонија денеска беше врачена државната награда „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ за 2016 година, на годинашните лауреати Аљуш Камбери – за публицистика и на Тони Димков – за новинарство.

 

Камбери се заблагодари во име на двајцата добитници истакнувајќи дека наградата  „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ е чин на признавање на нивниот долгогодишен вложен труд и вреднување на новинарските и публицистичките достигнувања во Македонија.

 

„Љубовта кон оваа професија постојано ни даваше мотивација цел живот да бидеме во потрага по настанот, по темата, по идејата, во потрага по човекот и неговата судбина. Чудесно е чувството кога ќе се вљубиш во својата професија и кога целиот живот ќе бидеш преокупиран со новинарската мисла и доблест… Денешното признание го сметаме и како чин на поттикнување уште повеќе да ја возвишиме нашата љубов кон новинарската професија. Вистинскиот новинар знае да ги надмине сите предизвици, а со тоа новинарскиот збор и новинарската мисла да остави белег на едно време и простор“, истакна Камбери.

 

Лилјана Грџо Дамовска, претставник на Одборот за доделување на наградата за 2016-та, рече дека таа им се врачува на двајца исклучителни професионалци новинари кои, рече таа, аргументирано можат да бидат и синоним на новинарството какво што тоа е по дефиниција.