Почитувани,
Во врска со одлуката на Кривичниот Совет на одделението за организиран криминал и корупција од Основниот Суд Скопје 1, со која е одобрено барањето на Специјалното јавно обвинителство за одредување притвор за Градоначалникот на Општина Пустец, Едмонд Темелко, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната писмена реакција:
Македонија страда од синдром на самоуништување!
Правосудниот систем е слеп и глув за многу други прекршувања на законите во Македонија, арно ама за единствениот Градоначалник – Македонец во Албанија, Едмонд Темелко, функционира беспрекорно. Срамота!
Додека Владата предлага Закон за амнестија, а во меѓувреме од затвор излезе Агим Красниќи, кој според медиумските информации не се ни вратил од „слободниот викенд“, времено е пуштен и Бајруш Сејдиу, Обвинителството и Судството покажуваат мускули на Едмонд Темелко.
Каква иронија? Македонските политички партии за опстојување на фотељите и функциите преговараат и се договораат со поранешните терористи на ОНА, кој сега се на врвни Државни функции заради срамната одлука за амнестија од 2011 година, а политичкиот претставник на Македонците во Албанија ќе оди во притвор! Оние кои учествуваа во масакрот на Вејце во 2001 сега уценуваат со Закон за двојазичност, говорат на Мечкин Камен на Илинден, а Едмонд Темелко ќе се третира како терорист, и тоа баш пред локални избори!
Македонската Алијанса секогаш бескомпромисно ја поддржува борбата против криминалот и корупцијата. Секој што се огрешил, мора да одговора, без разлика од која партија бил, или сега е на функција. Затоа, оваа реакција не е притисок кон Судството, туку апел за отрезнување!
Во кампањите на Едмонд Темелко за Градоначалник на Пустец, во различни периоди, заради лични и партиски поени, учествувале високи функционери и на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ. Ги повикуваме да не молчат туку заедно да дадат гаранции дека Едмонд Темелко редовно ќе се појавува на сите претреси пред Судот. Пратениците можат исто така лично да издадат гаранции за Градоначалникот на Пустец да не оди во притвор. Тоа нема да го направат лично за Едмонд Темелко туку за да го зачуваат достоинството на Македонскиот народ. Нека покажат вистинска грижа за Македонците кои живеат во Албанија.