Во врска со анализата на Германскиот весник „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ за проблемот кој Грција го има со нашето Уставно име, каде повикувајќи се на „добро информирани извори“ се тврди дека после локалните избори, Скопскиот
аеродром „Александар Велики“ ќе биде преименуван во „Мајка Тереза“, Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува следната реакција:

Симптоматично е што ваква анализа се објавува после посетата на Никола Димитров на Германија која се реализираше пред две недели. Се почесто преку странски медиуми се пласираат пробни балони кои треба да ја тестираат подготвеноста на
Македонската јавност за тоа што ќе следува.

Македонската Алијанса ја повикува Владата на Зоран Заев и Никола Димитров да и објасни на јавноста што е вистина во тврдењата на ФАЦ. Премиерот Зоран Заев во своето прво интервју на јавниот сервис откако стапи на функцијата, изјави
дека новата Влада нема да ја провоцира Грција како во минатото со поставување споменици, преименување на автопатишта и аеродроми. Ден пред посетата на Никос Kosиас на Македонија, осамна текст во Грчкиот весник „Демократија“ каде беше
лиферувана информација дека новата Влада е условена со остранување на споменикот на Александар Македонски во Скопје, што Никола Димитров не го демантираше. Сигурни сме дека ниту овој текст во ФАЦ не е случаен. Особено што влијателниот
Германски медиум лицитира и со можни нови имиња како „Горна Македонија“ или „Нова Македонија“.

Нема никаква дилема дека актуелизирањето на спорот за името е предвесник за период кој ќе биде огромен тест за сите Македонски политичари. Македонската Алијанса уште еднаш предупредува дека ниту претходната Влада на ВМРО ДПМНЕ, ниту
сегашната на СДСМ има мандат да влегува во некави дилови и екскурзии за евентуални проекти за раздавање на светото Македонско име и идентитет. На нашата надворешна политика не и е потребна сервилност и попустливост, туку цврстина и
консензус за стратешките национални прашања.

Ние нема што дополнително да ги задоволуваме суетите на официјална Атина. Ние направивме многу болни, срамни и понижувачки отстапки со менување на Устав, знаме и потпишување на Времената спогодба во 1995 година, со што ги дадовме сите
можни меѓународни гаранции. Придавки од типот „Нова“ или „Горна“ никогаш нема да прифатиме. Единствено можно решение е прифаќање на реалноста, а тоа е дека ние сме биле, сме и ќе останеме Република Македонија. Нашите барања за
признавање на Македонците и националниот идентитет, посебност, јазик и култура, од Грција, не се иредентизам туку универзално демократско право. Истовремено, јасно сме ставиле до знаење дека не бараме монопол на нашето реферирање на
Античките корени и историја, бидејќи за нас тоа е светска цивилизациска историја и наследство.

Македонскиот народ не бара ништо повеќе, туку само спроведување на истите аршини кои важат за сите меѓународно признати држави, членки на ООН. За почеток, доволно е нашите меѓународни сојузници конечно да обезбедат официјалната Атина,
како осудена земја, да ја прифати и спроведе пресудата на Меѓународниот Суд во Хаг, затоа што во 2008 во Букурешт, одлучи противправно да ги прекрши меѓународно преземените обврски и со вето го блокираше нашиот влез во НАТО
Алијансата.

Македонската Алијанса уште еднаш ги предупредува најодговорните политички парламентарни да не влетуваат во некакви експерименти и да даваат лажни ветувања дека имаат сила да изведат осакатување на Македонскиот народ и Држава. Ако се
уценети со нешто, тоа е нивен проблем и како знаат нека си го решаваат. Не може заради тоа целиот Македонски народ да биде нивен заложник. Промена на Уставното име и идентитет нема да им помине. Секој обид за велепредавство ќе биде
пресретнат од Македонскиот народ кој жестоко ќе го брани своето.

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател,
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски