Во врска со одлуката на Владата да го усвои Законот за употреба на јазиците,
Претседателот на Македонската Алијанса, Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, ја упатува
следната реакција:
Македонската Алијанса во името на целата Македонска Дијаспора изразува
разочарување од постапките на новата Влада. За жал, Премиерот Зоран Заев во
неполни 100 дена погази се што јавно вети. Скандалозниот Закон за јазици е
последниот чин кој потврдува дека "Тиранска платформа" е жива и останува услов без
чие исполнување оваа Влада нема да има мнозинство. Наводните гаранции кои му
беа доставени на Претседателот на Републиката биле "гола вода".
Кај се видело и чуло ваков Закон да се дебатира и изгласа во Собрание за само 3
дена? Се уште не добивме одговор од кога и како овој Закон стана неопходна
реформа за нашите Евроатлански интеграции за да влезе во процедура под
Европското знаме?
Зошто брзање? Нели Владеачкото мнозинство не убедува дека е во интерес на сите
граѓани? Ако е навистина така, зошто тогаш не се дебатира во нормална процедура во
која сите граѓани ќе бидат убедени дека се прави нешто добро за нив?
Да бидеме на чисто! Владејачкото мнозинство знае дека мора на брзање да го тера
Законот за јазици бидејќи тој е толку штетен што брутално ги гази Македонските
национални интереси. Законот е противуставен бидејќи многу јасно е наведено во
Уставот дека јазикот што го говорат најмалку 20 проценти од граѓаните, е службен
јазик само во Општините каде што тие живеат во мнозинство или значителен број.
И оваа Влада бега од пописот како ѓавол од темјан бидејќи Албанските политички
фактори не смеат да бидат разголени со демаскирање на вештачки креираните
проценти на население кое се декларира како Албанско во Македонија.
Законот за јазици повторно укажува дека Македонскиот политички фактор во Владата
е уценет и седнат во скут.
Новото Владино мнозинство стои на стаклени нозе, чим Премиерот е приморан пред
локалните избори, да ризикува да изгуби Македонски гласови, по секоја цена да ги
задоволи хировите на неговите Албански коалициони партнери со вакво срамно
Законско решение. Уште повеќе јасно е дека СДСМ и на локалните избори ќе смета на
значителен, ако не и поголем број на Албански гласови споредено со
парламентарните, затоа што ќе го продава овој Закон како нивна заслуга која ги
алиментира интересите на Албанците.
Премиере Заев, до кога Македонскиот народ ќе страда заради фотељите, функциите и
привилегиите на Македонските политичари? Зошто голата власт е послатка и поважна
од интересите на сопствениот народ? Зарем не Ви е јасно каков грев ќе направите?
Колку Македонски синови кои го положиле животот за Македонските идеали ќе ги

помножите со нула? Зошто одработувате агенда која го разјадува Македонскиот
национален идентитет? Со Договорот со Бугарија и со Законот за јазици, Вие
дозволувате од внатре да биде оспорено она за што сме се бореле со векови?
Ова не поминува, бидејќи токму ова го чекаше Грција! Оваа Влада има мнозинство да
става свои кадри на функции за да спроведуваат политики за вистинско добро за
граѓаните, а нема мандат да ја раскрчмува Македонштината и душата на народот.
Сакаме уште еднаш да нагласиме дека Македонската Алијанса нема ништо против
нашите сограѓани Албанци, но во оваа држава некои работи мора да станат јасни!
Македонскиот и Албанскиот јазик во Република Македонија никогаш не може да бидат
на исто рамниште! Не може на униформите и на парите да има Албански ознаки и
јазична транскрипција, а Албанските фактори во Македонија да не се ни осмелуваат
да побараат од Владата на Еди Рама да го признае Уставното има на нашата
заедничка Татковина? Доста од двојни аршини!
Македонската Алијанса уште еднаш ги повикува сите најодговорни политички фактори
да се разбудат и да го преземат својот дел од одговорноста.
Доколку овој Закон за употреба на јазиците помине во Македонското Собрание сите
политички чинители во Собранието ќе си ја понесат целата одговорност.
Народот ќе си дојде по своето!

 

МАКЕДОНСКА АЛИЈАНСА
Претседател
Ѓорѓија Џорџ Атанасоски