Автори Posts by Игор Мицкоски

Игор Мицкоски

57 POSTS 0 КОМЕНТАРИ

ДЗС: Институциите подготвени за справување со најавените екстремни временски услови

Институциите се подготвени да се соочат со најавената дестабилизација на временските услови и заеднички, координарано да делуваат за справување со последиците, заклучи денеска Главниот штаб за заштита и спасување.

На состанокот што го свика директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) Шабан Салиу беше истакнато дека треба да се преземат превентивни дејства: навремено информирање на населението за очекуваните промени во временските услови, апелирање да се почитуваат одредбите за управување со моторни возила во зимски услови и зголемување на подготвеноста на институциите да ги вклучат расположливите капацитети и средства.

– Препорачано е и да се дадат навремени упатства за движење на моторни возила на критични точки, а локалната самоуправа да ги стави во подготвеност своите сили и опрема, информира Дирекцијата.

На состанокот беа присутни претставници од министерствата за здравство, локална самоуправа, внатрешни работи и финансии, АРМ, Агенцијата за електронски комуникации, МЕПСО, ЕЛЕМ, ЕВН, УХМР, МТВ, Црвениот крст на Република Македонија, Федерацијата на планинарски спортови, Воено-медицинскиот центар и Агенцијата за храна и ветеринарство.

Антикорупциска одби неколку приговори од СДСМ

Државната комисија за спречување на корупцијата денеска на јавна седница одби неколку приговори од СДСМ во врска со член 8-а од Изборниот законик со образложение дека наводите во нив не се потврдиле. Комисијата ова го констатира откако до нив беше доставена документација од институциите и конкурсите за вработување на кои се однесуваа приговорите.

Министерството за правда до ДКСК доставило известување во кое се наведува дека не е извршен избор на нотари по оглас објавен во октомври 2016 година, по што беше констатирано дека наводите во приговорот на СДСМ не се потврдени и членовите на Антикорупциска го отфрлија.

АД Македонска пошта по допис од ДКСК информирало дека не е извршен избор на шалтерски работник и оти постапката е прекината, но исто така доставило и документи од кои произлегува дека подружница ГЦПС Скопје 2 има недостаток од шалтерски работници. Членовите на Комисијата го отфрлија приговорот.

И Театарот за деца и младинци од Скопје прекинал постапка за вработување на двајца актери за кои имале согласност од Министерство за финансии за 2016 година.

Антикорупциска исто така го отфрли приговорот СДСМ за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, односно за ставање камен телелник на градинка во општина Зрновце на 1 декември 2016, по распишувањето на изборите. Општината потврдила дека активности за изградба на градинка се отпочнати и дека се обезбедени средства, но оти не е ставен камен-темелник на објектот. Наводите од приговорот, како што беше посочено не биле потврдени.

Отфрлен беше и приговорот на Наталија Белчевска од Валандово против Агенција за вработување на Република Македонија. Членовите сметаат дека таа требала да се жали на изборот на кандидати на конкурсот во АВРМ, а не да се обрати до нив, бидејќи според документацијата на Агенцијата постапката е завршена пред изборниот процес.

ПОРАСТ ОД 5,4 ОТСТО НА ИЗВОЗОТ НА СТОКИ ОД МАКЕДОНИЈА

Вкупната вредност на извозот на стоки од Македонија во периодот јануари-ноември 2016 година, изнесува над 4.3 милијарди долари и бележи пораст од 5,4 проценти во однос на истиот период од 2015 година, објави денеска Државниот завод за статистика.

Вредноста на увезената стока, пак, во периодот јануари-ноември лани изнесувала приближно  6 милијарди и 131 милион долари  што е за 5,2 процента повеќе во споредба со истиот период од 2015 година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари-ноември 2016 година, изнесува 97 милијарди, 569 милиони и 807 илјади денари, а покриеноста на увозот со извоз 71,3 проценти.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и облека.

Во увозот, пак, најмногу се застапени платината и легурите на платина, необработени или во прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав и електричната енергија.

Според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, во периодот јануари-ноември минатата година, Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Србија, Грција и Бугарија.

Пратениците треба да достават анкетни листови до Антикорупциска

Новоизбраните и пратениците на кои им истече мандатот до 30 јануари до Државната комисија за спречување на корупција треба да поднесат анкетен лист и изјава за судир на интереси.

– Согласно Законот за спречување на корупција сите избрани и именувани лица во рок од 30 дена од нивното назначување, во конкретниов случај пратениците на кои им престана и на оние на кои им почна мандатот, од денот на изборот имаат обврска да поднесат анкетни листови и изјава за судир на интереси до Државната комисија за спречување на корупцијата за да го пријават она со што располагаат, изјави претседателот на Антикорупциската комисија Игор Тантуровски.

Досега, како што рече тој, најголем дел, можеби и стопроцентно пратениците се придржуваат кон законските одредби и пријавуваат својот имот до Комисијата. – Очекувам и сега да биде исто така, рече тој додавајќи дека доколку не се постапи согласно законот предвидени се и санкции.

Пратеникот е должен најдоцна во рок од 30 дена од верификацијата на мандатот да пополни анкетен лист со детален попис на недвижен имот, подвижни предмети од поголема вредност, хартии од вредност и побарувања и долгови, како и друг имот што е во негова сопственост, или сопственост на членовите на неговото семејство, со наведување на основот на стекнување на пријавениот имот и депонира заверена изјава од нотар за откажување од заштита на банкарска тајна во однос на сите сметки во домашни и странски банки.

Пратеникот, исто така, е должен да пополни анкетен лист во рок од 30 дена по престанокот на мандатот.

Доколку пратеникот во рок од 30 дена по престанокот на мандатот биде избран или именуван на иста или на друга функција е должен да ја извести Државната комисија за спречување на корупцијата за новиот избор или именување.

Податоците од анкетните листови на пратениците, според Законот, претставуваат информации од јавен карактер освен податоците заштитени со закон и се објавуваат согласно со закон.

Жири комисиите на ДПМ почнаа со работа, за годишните награди пристигнати 83 дела

– Жири комисиите на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) за доделување на наградите за најуспешни книжевни остварувања во 2016 година, ја почнаа својата работа.

На конкурсот за годишните награди на ДПМ пристигнаа 83 дела од сите жанрови. Книгите конкурираат за наградите „Ацо Шопов“ за поезија, „Стале Попов“ за проза, „Димитар Митрев“ за критика и есеистика, „Ванчо Николески“ за книга за деца, и „Книжевен мост“  за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите.

Резултатите ќе бидат познати до крајот на јануари, а наградите ќе бидат врачени на 13 февруари, на свеченоста по повод  големиот јубулеј: 70 години од основањето на Друштвото на писателите на Македонија.

Одлуките за најуспешните остварувања ќе ги донесат жири комисии составени од 15 истакнати писатели, универзитески професори, научни работници, критичари и есеисти. Членови на жири комисиите се: Виолета Танчева Златева, Венко Андоновски,  Блаже Минески, Ресул Шабани, Маја Јакимовска Тошиќ, Ефтим Клетников, Иван Чаповски, Наташа Аврамовска, Василе Димески, Јусуф Едип, Мишел Павловски, Делвина Керлуку, Стојан Тарапуза, Христо Петрески и Јовица Илиќ, соопшти ДПМ.

О НИЛ: НЕПРИСТОЕН КОМЕНТАР НА ШЕФОТ НА ГРКАТА ДИПЛОМАТИЈА КОЦИЈАС

Непристоен е коментарот на шефот на грчката дипломатија Никос Коцијас, даден за грчките медиуми. Се согласувам, со него дека историјата не е затвор. Но, историјата, односно лажната историја, е затвор кој што последниве грчки влади го направија за себе и за грчкиот народ, изјави Робин О Нил, прв медијатор во грчко-македонскиот спор во новогодишното интервју за Програмата „Гласот на народот“.

„Коцијас вели дека не станува збор за иредентизам од грчка страна, и јас му верувам, но тој треба да знае подеднакво добро, дека не постои иредентизам ниту од страна на Република Македонија. Македонија повеќе пати тоа го потврди многу јасно, во повторените декларации дека нема никакви барања од таков вид кон Грција“, појаснува О Нил.

Според него, последната изјава на Коцијас потврдува дека политиката на Грција не е воопшто променета во изминатите повеќе од дваесет години во врска со спорот покренат од страна на Атина околу името на Република Македонија, во голема мера, како што посочува, поради внатрешни политички причини во самата Грција.

– Моето мислење е дека сите грчки влади не сакаат решение на овој проблемп, којшто самите го создадоа, бидејќи знаат дека единствено решение ќе биде признавањето од страна на сите земји, дека Македонија има право според меѓународното право да го користи името по свој сопствен избор, име кое, се разбира, не претставува закана во целост кон Грција или кон грчкиот народ, појаснува О Нил во новогодишното интервју за Програмата „Гласот на народот“.

Амбасадорот О Нил останува на својот став дека Грција не сака да преговара сериозно за ова прашање, и дека Владата на Македонија сега треба да го покрене ова прашање во ОН и да добие признавање на Македонија под нејзиното правилно име – Република Македонија, што, вели, ќе го отстрани секој меѓународен сомнеж во врска со ова прашање

ФРЛЕНИ 103 ТОНИ СОЛ НА ГРАДСКИТЕ УЛИЦИ И БУЛЕВАРИ

Екипите на зимската служба на Град Скопје во текот на изминатита  ноќ фрлија 103 тони сол на градските булевари и улици за да спречат појавување голомразица.

Екипите на зимската служба со 10 возила интервенираа низ градските сообраќајници и на критичните точки, односно на сите мостови, клучки, надвозници, подвозници и високите зони кон Водно, Пржино, Железара, како и на сите други таканаречени „црни точки“ во градот.

Зимската служба на Градот будно ја следи состојбата на терен и ќе интервенира според потребите.

Градот Скопје им препорачува на возачите да возат внимателно и да се придржуваат на условите на коловозите. Потсетуваме дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и одредени градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување.

Апелираме до граѓаните, куќните совети и сопствениците на деловните објекти да се придржуваат до законската обврска за чистење на снегот од приодите до нивните објекти.